Политика

Блокирани измените на Изборниот законик, спорно електронското гласање на дијаспората

02.07.2026 17:53

Измените на Изборниот законик блокирани со илјадници амандмани. Спорно е електронското гласање на дијаспората. Власта ја повика опозицијата да се согласи на конструктивна дебата наместо да се служи со парламентарна опструкција. СДСМ и Левица, пак, се сомневаат во обид за изборна кражба. За Агенцијата за иселеништво нема дилема – дијаспората годишно праќа многу пари во Македонија и треба да има право да учествува во процесите.

Иселениците подолг период бараат по електронски пат да гласаат на претседателските и парламентарните избори. Но, и по поднесувањето на Предлог-законот за измени на Изборниот законик, опозицијата со најмногу реакции токму по ова прашање. Додека според нив постои ризик од недоверба во изборниот процес, директорот на Агенцијата за иселеништво дециден: „Како може 2,5 милијарди да се слеат во буџетот по електронски пат, а спорно е да гласаат“?

Иселениците се нераскинлив дел од Македонија и треба да им ги овозможиме сите права да се врати довербата, а воедно и самите тие во Македонија-вели премиерот Мицкоски. Ја обвинува опозицијата за несериозност, бидејќи при подготовка ги поддржувале измените на Изборниот законик, а во Собрание ги оспоруваат. Гласањето по електронски пат според него има и економска оправданост, бидејќи нема да се трошат пари за набљудувачите кои ќе бидат вклучени во изборниот процес.

Со 13 илјади амандмани опозицијата ги блокираше Предлог-измените на Изборниот законик. Од СДСМ велат дека власта свесно го турка електронското гласање на дијаспората, за според нив, да влијаат врз изборниот процес.

Изборниот законик е дел од реформската агенда. Сепак, извесно е дека и следните избори ќе се спроведат според постојните законски правила.

Александра Велинова