Расте бројот на загинати цивили по вчерашниот напад врз Киев
Продолжија руските удари врз украински региони по вчерашниот напад врз Киев кој однесе десетици жртви, меѓународната заедница со осуда за руската агресија. Претседателот Зеленски повторно побара од своите западни сојузници поголема поддршка и итна испорака на ракетни системи „Патриот“. Војната во Европа и инвестиции во одбраната, тема и на НАТО самитот на 7 и 8 јули во Анкара.

Русија и изминатото деноноќие продолжи со нападите врз украински региони додека расте бројот на жртви во масовниот удар врз Киев изведен во ноќта помеѓу први и втори јули. Москва тврди дека таргетирале исклучиво воени цели. Меѓународната заедница ги осуди руските дејствија. ЕУ објави дека разгледува нови санкции за Русија, ООН ги повторија повиците за прекин на огнот.
„Секој напад врз цивили и цивилна инфраструктура, каде и да се случи, е јасно кршење на меѓународното хуманитарно право и мора веднаш да престане. Генералниот секретар го повторува својот апел за итна деескалација, што ќе доведе до целосен, моментален и безусловен прекин на огнот“, изјави Стефан Дујарик – портпарол на ООН.
Генералштабот на украинската армија објави дека погодиле цели на руска територија. Претседателот Зеленски изјави дека Путин трпи сериозни загуби на бојното поле и се соочува со економски проблеми поради војната. Истовремено, повторно побара од западните сојузници итна испорака на ракетни системи „Патриот“.
„Нападот беше намерно испланиран од Русите за да се предизвика максимална штета. За жал, има недостаток на антибалистички системи, недостаток на „Патриот“, а нашите партнери – пред сè САД и нашите европски партнери – мора да бидат поактивни во помошта“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.
Војната во Украина, инвестиции во одбраната и одбранбената индустрија ќе бидат тема и на НАТО самитот на 7 и 8 јули во Анкара. Американскиот претседател Трамп упати жестоки критики до алијансата, нарекувајќи го односот на Вашингтон со пактот „смешен“ и „едностран“. Одново побара од Европа да ја преземе водечката улога во сопствената одбрана.
„Смешно е САД да продолжат по овој едностран пат кога односот не е реципрочен. Тие не беа тука за нас!!!“ – објава на претседателот на САД – Доналд Трамп.
Предвидено е шефот на Белата Куќа да присуствува на самитот во Анкара, што е негово прво патување во Турција во рамките на актуелниот мандат.
Маријана Димовска
