Подготовки за целосно активирање на „Сејф сити“ во охридско-струшкиот регион
Ќе придонесе ли „Сејф сити“ за поголема безбедност во сообраќајот во екот на туристичката сезона во охридско-струшкиот регион? Засега активна е само една камера, но во подготовка е ставање во функција на целиот систем за видеонадзор …

Зголемената фреквенција на возила, туристи, пешаци и велосипедисти во летната сезона носи поголем сообраќаен притисок во Охрид и Струга. Токму затоа, системот „Сејф сити“ се очекува да биде важна алатка за подобрување на безбедноста на патиштата.
Во моментов активна е само камерата кај Ново Село – локација која според статистиката важи за една од најкритичните, со најголем број сообраќајни незгоди. Во тек се подготовките за целосно активирање на системот. Дополнително во функција ќе бидат и мобилни електронски камери.
„Станува збор за патните правци и приодите кон Охрид, во централното градско подрачје, на булеварите и туристичката населба, како и на патните правци кон излетничките места и плажите. Со тоа, всушност, ќе се придонесе за значително подобрување на безбедносната состојба во сообраќајот на подрачјето на СВР Охрид“, изјави Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.
Граѓаните очекуваат засилениот видеонадзор да влијае врз поголема дисциплина кај возачите, но нагласуваат дека е неопходна и поголема сообраќајна култура.
Со илјадници туристи кои секојдневно пристигнуваат во двата туристички центри, ова лето надлежните очекуваат „Сејф сити“ превентивно да делува врз сите учесници во сообраќајот.
Соња Рилковска
