МВР лиши од слобода 18 возачи поради безобѕирно возење, меѓу нив и двајца малолетници
Во изминатото деноноќие полицијата приведе 18 возачи низ државата поради безобѕирно управување со возило. Најголемиот дел од нив возеле без возачка дозвола, меѓу кои и двајца малолетници, а регистрирани се и случаи на возење под дејство на алкохол и управување со возило и покрај изречена забрана.

Полициските службеници во текот на изминатото деноноќие лишиле од слобода 18 возачи на целата територија на државата поради безобѕирно управување со моторно возило.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека 15 лица управувале возило без возачка дозвола, меѓу кои и двајца малолетници. Петмина се приведени во Гостивар, од кои едниот е малолетник, а друг претходно учествувал во сообраќајна незгода. Во Скопје се лишени од слобода четири лица, во Кичево две лица, од кои едното е малолетно, а по едно лице во тетовско, Кривогаштани, Прилеп и Битола.
Полицијата привела и едно лице во Делчево кое управувало возило под дејство на алкохол, како и по едно лице во Кичево и Кавадарци кои возеле и покрај изречена забрана за управување со моторно возило.
По целосното документирање на случаите, против сите лица ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит, под дејство на алкохол или доколку им е изречена забрана за управување, со цел зголемување на безбедноста на патиштата.
