Буџет

Комисиска расправа за ребалансот, опозицијата со над 200 амандмани

03.07.2026 17:11

Со ребалансот, државната каса треба да достигне 6,91 милијарди евра, а капиталните инвестиции да се зголемат на 748 милиони евра. Предлогот веќе е пред собраниската Комисија за финансирање и буџет, каде се очекува десетдневна расправа пред гласањето на пленарна седница.

Повеќе пари за редовна исплата на плати, поголема поддршка за земјоделците, за социјална заштита и за општините, но и повеќе пари за инвестиции во инфраструктурата. Министерката за финансии Димитриеска-Кочоска, го образложи ребалансот во матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет.

Владата предлага државната каса да стане потешка за 189 милиони евра и да достигне 6,91 милијарди евра. Капиталните инвестиции се зголемуваат од 650, на 748 милиони евра – главно за проекти во делот на патната и железничката инфраструктура.

Опозицијата критикува дека владиниот план е тешко остварлив. Со над 200 амандмани се бара корекции во ставките и пренамена на пари кои ќе се трошат за реални потреби на граѓаните и стопанството.

Владејачкото мнозинство очекува конструктивност. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски, смета дека прекројувањето на државната каса ќе создаде основа за развој на економијата.

По општата и амандманската расправа во матичната Комисија за финансирање и буџет, ребалансот ќе оди на пленарна седница на гласање.

Комисиската расправа за предложениот ребаланс на буџетот предвидено е да трае десет работни денови.

Борис Грујоски