врсничко насилство

Врсничкото насилство во пораст – нови случаи ја алармираат јавноста

03.07.2026 17:27

Додека полицијата ги расчистува случаите повторно се поставува прашањето зошто насилството меѓу децата станува се побрутално и дали институциите прават доволно за да го спречат. Само преку координирана и долгорочна работа можеме суштински да ги намалиме ваквите појави ...

Ден по случајот со врсничкото насилство во Аеродром, уште две деца нападнати во Карпош и во Центар. Граѓаните бараат да се реагира навреме за да се спречи овој загрижувачки тренд. Велат потребна е одговорност и системски решенија.

Додека полицијата ги расчистува случаите повторно се поставува прашањето зошто насилството меѓу децата станува се побрутално и дали институциите прават доволно за да го спречат. Само преку координирана и долгорочна работа можеме суштински да ги намалиме ваквите појави и да изградиме побезбедна заедница за сите велат од Општина Аеродром, од каде додаваат дека постојано се преземаат низа едукативни и превентивни активности.

„Во соработка со Министерството за внатрешни работи, основните училишта, родителите, стручните служби и другите релевантни институции организираме работилници, трибини, предавања и кампањи насочени кон подигнување на свеста кај младите, препознавање на насилството и негово навремено спречување. Истовремено, започнуваме со имплементација на проект за поставување видеонадзор на детските игралишта, парковите и другите јавни површини, а преку заеднички патроли и редовна координација со МВР работиме на создавање побезбедна средина за децата и младите.“-стои во соопштението од Општина Аеродром.

Ова не е обична детска тепачка сметаат психолозите. Емпатија не постои а социјалните медиуми се главни виновници. Апелираат родителите да разговараат со своите деца.

Кривични пријави за децата и за родителите за случајот во скопски аеродром. Од Министерството за внатрешни работи велат дека на потег е јавното обвинителство и судот.

Стравот, агресијата и насилството сè почесто го заменува другарството и безгрижното детство. Останува прашањето кој ќе ја запре оваа опасна спирала пред да згаснат млади животи.

Ана Јосифоска