Македонија е безбедна и покрај заканите на ИДИЛ

24.09.2014 16:55

Од МВР велат дека разменуваат информации со партнерските служби состојбите се анализираат и заклучокот е дека сериозна закана за Македонија нема. Тврдат дека се подготвени да дејствуваат доколку тоа е потребно...

Македонија е безбедна и покрај најавите дека државите членки на Коалицијата во борба против терористите од ИДИЛ ќе се цел на напади. Ова го тврдат официјалните служби, но и познавачите на голобалните случувања. Професорот Кузев вели ризикот од напади не е за сите ист. Во преден план се лидерите, големите веле сили на коалицијата во борбата против тероризмот.

„Република Македонија практично може да биде мета на напад со самото тоа што припаѓа на таа коалиција. Колку реално ќе биде мета на напад, јас не верувам во практичната реализација на таквите закани, затоа што Република Македонија сепак партиципира согласно своите капацитети, што секако се мали во однос на глобалната борба“, вели универзитетскиот професор Стојан Кузев.

Од МВР велат дека разменуваат информации со партнерските служби состојбите се анализираат и заклучокот е дека  сериозна закана за Македонија нема. Тврдат дека се подготвени да дејствуваат доколку тоа е потребно. Точна бројка на македонски државјани кои заминале да се борат во Сирија и Ирак нема. Но, и овде состојбите не се статус кво уверува МВР. Особено што ризик претставуваат оние кои по борбите на страната на ИДИЛ ќе се вратат во земјава.

„Лицата кои што учествуваат во овие конфликти се индоктринирани со различен ислам од оној што традиционално се учи во Република Македонија. Постојат ризици истите лица да индоктринираат други  и да го прошират своето верско убедување во Република Македонија“, изјави помошник министерот во МВР, Иво Котески.

Македонија е дел од 50-те земји кои во коалиција ќе учествуваат во антитерористичките операции во Ирак и Сирија. Сосема извесно е дека нема да учествува директно во борбите, но ќе реагира согласно капацитетите. МНР потврди дека Македонија е на списокот на Стејт департментот. Отаму брифираат дека за детали деновиве ќе расправа владата.

Политички сме дел од коалицијата предводена од САД. Околу практичната подршка во борбата против терористичките закани во тек се разговори меѓу партнерите. Одлуките за придонес ќе се носат согласно приоритетите и можностите на секоја земја учесник.

Миле А. Ристески