Рокас: Најголемиот дел од реформите се исполнети
Најголемиот дел од обврските од реформската агенда со рок до средината на јули се веќе реализирани, оцени евроамбасадорот Михалис Рокас. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе бидат исполнети девет од десетте точки, додека неизвесни остануваат измените на Изборниот законик, за кои е потребен политички консензус.

Најголемиот дел од десетте точки од реформската агенда, коишто треба да се завршат до средината на јули, веќе се реализирани и ова е голем успех, истакна евроамбасадорот во Македонија, Михалис Рокас. Тој изрази уверување дека со ист таков успех ќе бидат реализирани и останатите точки од реформската агенда.
Додаде дека напредок се забележува и во сите останатите чекори од реформската агенда.
Девет од десетте точки од реформската агенда, со рок до јули, ќе бидат реализирани, информира македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Неизвесни остануваат само измените во Изборниот законик, за чија реализација потребен е консензус со опозицијата.
Македонија, заедно со Црна Гора и Албанија, се трите најуспешни земји од Западен Балкан во однос на реформските агенди, а Европската комисија подготвува прераспределба на средствата од Планот за раст во нивна корист. За Србија, Босна и Херцеговина и Косово пак, оценката е дека заостануваат во реформите.
Марија Котовска
