За ехо и мамографија на дојка се чека од два до три месеци
Пациентките чекаат два до три месеци за ехо и мамографија на дојка. Дел од нив приватно ги плаќаат прегледите, но и тогаш се соочуваат со многу предизвици. Дека мора да се бара решение, во последниот извештај укажува и Државниот завод за ревизија по направениот увид на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија...

Пациентките чекаат два до три месеци за ехо и мамографија на дојка, тоа е долг период за жена кај која има некоја промена, вели матичниот лекар Анкица Станоевска. Пред еден месец имала пациентка кај која било јасно дека станува збор за канцер во поодмината фаза, но лавиринтите не можеле да се избегнат.
Докторката Станоевска вели промената на начинот на упатување и оформувањето на кабинетот за дојка не ги даде очекуваните резултати. Не можејќи да чекаат пациентките приватно ги плаќаат прегледите кои се од 4.000 денари и повеќе, но и тогаш предизвиците се многу.
Јавното здравство поради недостиг од стручен кадар не може да го амортизира напливот на пациентки со оваа дијагноза.
Дека мора да се бара решение во последниот извештај потсети и државниот завод за ревизија по направениот увид на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија каде што меѓу другото се третираат и овие пациентки. Заклучокот е дека на оваа клиника 66 проценти од вкупниот број реализирани прегледи биле преку итни и приоритетни упати, а не преку „Мој термин“.
Наташа Јанчиќ Менковски
