Источен регион

Пожарот кој изби на штипскиот „Исар“ ставен под контрола

03.07.2026 18:28

Ставен под контрола пожарот на штипски „Исар“, каде пламените јазици се закануваа да ги проголтаат куќите. Жителите во страв излегоа да гаснат за да го спасат имотот, се интервенираше и од воздух. Пожар избувна и кај млекарницата, евакуирани вработените од „Албатрос“. Тешка огнена стихија го зафати и пробиштипско – во Бучиште изгоре куќа. Густиот чад го прекри регионалниот пат Штип – Пробиштип, дојде и до сообраќајната несреќа по судир на две возила. Двајца се повредени.

Пожар го зафати штипски Исар, од пладневните часови со огнената стихија која се закануваше да ги зафати и куќите. Се бореа пожарникарите и доброволците, а интервенираше и ер-тракторот на ДЗС. Нема повредени ниту материјална штета.

Жителите стравуваат од вакви состојби заради тешката пристапност на теренот на противпожарни возила и брза помош.

Пожар претпладне избувна на неколку локации кај Пробиштип. Целосно изгоре куќа кај село Бучиште. Повредени нема, а во гасењето се вклучија и ер-трактори на ДЗС.

Пожарот кај Пробиштип беше причина за сообраќајна несреќа. За да го избегне огнот, автомобил прешол на спротивната лента и директно се судрил со друг автомобил. Повредени се две лица на кои им е укажана лекарска помош во болницата во Штип. 

Пожар денес имаше и во населба Чардаклија и во индустриската зона на Штип. Истите се целосно изгасени, како и во Општина Чешиново-Облешево кај село Новоселани, каде гореше ниска вегетација.

Славица Величковска