Аларм за недостиг на персонал во старскиот дом
Алармантен недостиг на кадар во Домот за стари лица во Куманово. Наместо предвидените 80, во установата работат само 36 лица. Тие се грижат за повеќе од 170 корисници. Недостигаат негуватели, медицински сестри и административен кадар.

Алармантна состојбата со недостиг на персонал во кумановскиот дом за стари лица. Наместо 80 вработени, установата која овозможува услуги на над 170 граѓани, во моментов функционира со само 36 вработени. Неопходно е вработување на негователки, медицински сестри и друг помошно технички кадар. Установа изминативе години во неколку наврати информираше за проблемот. Новиот директор веќе го известил ресорното министерство. Се надева на итна реакција.
„Од администрација имаме само двајца вработени, една голема институција немаме сметководител, правник, човечки ресурси, социјален работник. Се разбира најмногу ни се потребни негуватели и медицински сестри кои за жал работат и се даваат 150 проценти за да овој дом функционира“, истакна Александар Крстевски, в.д директор Дом за стари лица Куманово.
Домот има и геријатриско одделение, а дел од корисниците без помош не можат да ги извршат основните потреби. Установата потпиша меморандуми за соработки со стручните училишта. Ученици ќе волонтираат и ќе се обидат да го подобрат квалитетот на услугите.
Кумановскиот дом е еден од поголемите во државата и згрижува корисници од речиси сите градови.
Елена Георгиевска
