Отворено 65-то јубилејно издание на Балканскиот фестивал
Со свечено дефиле, песни и ора, синоќа беше отворено 65-тото јубилејно издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри во Охрид — манифестација што со децении ги поврзува народите преку фолклорот и културното наследство.

Со звуците на изворниот мелос, шаренилото на народните носии и ритамот на традиционалните ора, синоќа во Охрид свечено беше отворено 65-тото јубилејно издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри — една од најдолговечните и најзначајни културни манифестации во земјава и регионот.
Шест и пол децении фестивалот е претставува жив мост меѓу народите, сцена на која се чува традицијата и постојано добива нов живот.
„Овој фестивал не е само прослава на фолклорот, туку и празник на традицијата, уметноста и човечката поврзаност. Преку песната, играта и музиката се градат мостови на пријателство, меѓусебно разбирање и почит меѓу народите“, изјави Грација Бакраческа пратеник.
Балканскиот фестивал низ годините израсна во препознатлив културен симбол на Охрид, место каде се среќаваат традиции од различни земји и генерации.
„Овој јубилеј е доказ за континуитет, посветеност и искрена љубов кон традицијата. Тој е доказ дека она што е вистински вредно не избледува со времето, туку се пренесува од генерација на генерација, добивајќи нови значења и нова енергија“, изјави Перчо Божиноски претсдетаел на Советот на општина Охрид.
Во деновите што следуваат, фестивалската програма ќе донесе настапи на бројни домашни и странски ансамбли, кои преку песна, игра и автентични носии ќе го претстават своето културно наследство.
Соња Рилковска
