Власта и опозицијата со калкулации за Изборниот законик
Политичките карти се мешаат. Власта бара дијаспората да го добие правото на глас, опозицијата ја напаѓа реконструкцијата на Владата, а Собранието наскоро ќе ги отвори и двете прашања …

ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од идејата дијаспората да гласа. Подготвени се, како што рече Мицкоски ги прифатат барањата на опозицијата вклучително и повеќе пари за финансирање на кампањите, начинот на гласање и процесуирањето на жалбите и поплаките, но, при тоа, да не им се прави опструкција на нашинците во странство да ја изразат политичката волја преку избори.
Дали ќе има предвремени избори, Мицкоски дециден – би сакал да го заокружи четиригодишниот мандат, но ако се создадат услови во Собранието, вели – партијата е подготвена за изборно соочување. Во меѓувреме, фокусот останува на реконструкцијата на Владата. СДСМ, пак е на став дека реконструкцијата е театар, а новите имиња биле нова амбалажа за истото, како што велат – корумпирано владеење.
Со реконструкцијата се интервенира во осум министерства. Во правда – Јетон Шасивари, за односи меѓу заедниците Агрон Ферати, за култура и туризам Седат Сулејмани, додека за здравство е предложен Сашо Клековски. Борче Серафимовски е кандидат за ресорот земјоделство, Ерџан Демир би бил без ресор, а Иван Стоилковиќ за локална самоуправа. За измените во владиниот кабинет, Собранието ќе расправа на 13 јули.
Анита Димитријевска - Велковска
