Зараза

Двајца заболени од западно-нилска треска

04.07.2026 16:39

Комарците повторно го вклучија алармот. Двајца пациенти со западнонилска треска се лекуваат на Инфективната клиника. Додека едниот се заразил при престој во Грција, кај вториот нема податоци за патување, па не се исклучува ниту локална трансмисија на вирусот.

Двајца пациенти заболени со западнонилска треска се хоспитализирани на Инфективната клиника. Здравствената состојба засега им е стабилна.
Едниот пациент на 51 годишна возраст, со вирусот најверојатно се заразил додека престојувал во Грција, бидејќи симптомите се појавиле два дена по неговото враќање од земјата. Но, другиот пациентот во епидемиолошката анкета не навел дека патувал надвор од државата. Според инфектолозите не е исклучена можноста за локална трансмисија на вирусот.

„Двајцата пациенти се стабилни. Епидемилошката анкета е позитивна кај еден од нив дека патувал надвор од државата, два дена пред да му се појават симптомите допатувал од Грција. Додека кај другиот пациент кој е на 68 годишна возраст кај него немаме позитивна епидемиолошка анкета дека патувал надвор од Скопје“, изјави д-р Фадил Цана – директор на Клиниката за инфективни болести.

Западнонилската треска е вирусно заболување кое се пренесува преку убод од инфициран комарец. Кај најголем дел од заболените не се појавуваат симптоми или болеста поминуваат со лесна клиничка слика. Сепак, кај повозрасните и кај оние со намален имунитет можат да развијат потешки невролошки компликации. Нема простор за паника, но потребна е поголема претпазливост – велат инфектолозите.

„Нема простор за паника, но потребна е претпазливост, навремено јавување на лекар доколку се појават симптоми како висока температура, силна главоболка и изразена слабост или кое било невролошко пореметување по убод од комарец“, изјави д-р Фадил Цана – директор на Клиниката за инфективни.

Инфектолозите апелираат граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита од убод од комарци. Да користат репеленти, да носат облека со долги ракави, да постават мрежи на прозорците и да ја отстранат застојаната вода во околината каде што комарците се размножуваат.
Надлежните велат дека ја следат епидемиолошката состојба. Случаи на западнонилска треска веќе се регистрирани во повеќе земји од регионот, што ја нагласува важноста од навремена дијагностика, епидемиолошки надзор и превентивни мерки.

 

Андријана Ѓурческа