Уште една шанса за регистрација и легализација на земјоделска механизација
Владата со нови позитивни мерки за земјоделците. Уште една шанса за оние кои досега не ја регистрирале земјоделската механизација. Рокот е продолжен до 31 декември, а регистрацијата ќе може да се изврши до крајот на јуни идната година...

Од денеска до 31 декември земјоделците може да го искористат продолжениот рок за да ја легализираат својата механизација. Фармерите сметаат дека продолжувањето на рокот е добредојдено во време кога временските услови им го десеткуваа производството, но и му го испразнија џебот.
„Производството е десеткувано оваа година, така што мислам дека секој сака да си го регистрира, тоа ќе биде и европска обврска, да не можеш на јавен пат да испаднеш со нерегистрирана машина“, вели Ванчо Митев од „Еко градинар“ од Добрејци.
Процедурата останува иста. Фармерите треба да поднесат барање до подрачните судови со изјава за стекната сопственост или друг купопродажен договор. Судот во рок од три дена ќе изготви предлог решение до подрачните единици на министерството за земјоделство, кое доколку во рок од 30 дена не е оспорено, станува извршно.
„Тогаш подрачната единици го известува судот дека никој не го спорел ова предлог решение и самиот суд го издава конечното решение за легализација, што се смета за понатаму за конечен доказ за сопственост на тракторот или тракторската приколка од страна на лицето кое дотогаш го имало само во владение или на користење“, рече Александар Ѓоргиев, портпарол на Владата.
Согласно законот, за нерегистрирана земјоделска механизација предвидени се глоби од 500 евра за физички и од 1.500 до 2.000 евра за правни лица. Досега поднесени се над 25.000 барања за легалзација и над 15.000 барања за регистрација на трактори и тракторки приколки. Владата го продолжи рокот по барање на земјоделските здруженија.
Катерина Давчева
