Украина

Трамп разговараше со Путин и Зеленски пред Самитот на НАТО

05.07.2026 13:15

Час и половина траел телефонскиот разговор меѓу американскиот и рускиот претседател на Денот на независноста на САД. Трамп и Путин во фокусот ја ставиле војната во Украина и состојбата на Блискиот Исток. Деталите од разговорот ги објави Кремљ. Москва се стреми кон дипломатско решение на конфликтот во Украина, вели советникот за надворешни на Путин.

Американскиот претседател по повод Денот на независноста оствари низа телефонски разговори со светски лидери, меѓу кои Путин и Зеленски, со фокус на војната во Украина и можностите за нејзино завршување. Од Кремљ велат дека Трамп уште еднаш ја потврдил својата подготвеност да работи на брзо завршување на борбите и наоѓање решение за надминување на кризата.

„Неговите специјални пратеници, Виткоф и Кушнер, ќе продолжат со своите медитациски напори и подготвени се да патуваат во Москва во погодно време. Претседателите Трамп и Путин ја истакнаа и важноста од продолжување на контактите, вклучително и за воени, политички и економски прашања. Тука постојат огромни перспективи за заемно корисна соработка меѓу земјите. За да се постигне ова, според Трамп, украинскиот конфликт мора да се заврши што е можно поскоро.“, изјави Јуриј Ушаков – советник за надворешни работи на Кремљ.

Зеленски рече дека имал многу конструктивен разговор со Трамп за ситуацијата на фронтот. Украинскиот лидер повикал на американска решителност за прекин на повеќе од четиригодишната војна со Русија.

„Претседателот Трамп и јас разговаравме за моменталната ситуација на фронтот, како и за нашите дипломатски напори. Постои реална перспектива да се стави крај на оваа војна, а решителноста на Америка е решавачка. Се согласивме да ги продолжиме овие дискусии за време на Самитот на НАТО во Анкара.“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина, објава на „Х“.

Разговорите доаѓаат во период на засилена дипломатска активност, непосредно пред нови меѓународни состаноци на кои се очекува да се дискутираат безбедносните предизвици и глобалните конфликти. Самитот на Алијансата кој ќе се одржи на 7 и 8 јули во Турција е еден од нив. Ќе учествуваат лидерите на 32 земји-членки, а се очекува состојбата во Украина да биде една од главните теми на состанокот. Анкара ја зголеми сигурноста на највисоко ниво. околу 56.000 полицајци се распоредени низ целиот градот, кој е под континуиран надзор од преку 6.000 камери следени од Центарот за управување со безбедност.

 

Катерина Бојаџиева