Вирусот циркулира

05.07.2026 14:09

Со потврдениот случај на западнонилска треска кај пациент кој не патувал надвор од земјава, се потврдува дека вирусот егзистира и внатре во земјава, вели микробиологот, доктор Пановски...

По потврдениот случај на западнонилска треска кај 68-годишен скопјанец кој не патувал надвор од државата, се потврдува дека вирусот циркулира и во земјава. Професорот Никола Пановски, вели дека тоа не е невообичаено, бидејќи кај нас го има комарецот кој го пренесува вирусот. Предупредува дека е можно да има и други заболени, кои имале блага клиничка слика или не развиле симптоми, па затоа не биле евидентирани.

„Колку ќе има случаи не се знае, до сега не сме имале епидемија, но спорадични случаи ќе има. штом овие случаи завршиле во болница, според природата на болеста сигурно има и десетици други случаи кои поминале со благи симптоми, па не е откриено за што се работи и многу луѓе што немаат симптоми. За ова болест за разлика од маларија и други вектор преносливи болести, Денга итн. не е чудно што има и локално ширење“, изјави проф. д-р Никола Пановски – микробиолог во пензија.

Минатиот месец, во земјава беше регистриран случај на заболен со Зика вирусот кај лице кое престојувало на Малдивите, додека пак Денга беше потврдена беше кај работник од Бангладеш. Клучно е внесените случаи навреме да се препознаат и пациентите да бидат изолирани, за да се спречи убод од комарец и понатамошно ширење на вирусот.

„Целата политика е кога ќе се внесе случај од надвор да биде навреме препознаен, да не биде каснат од комарец. тоа успешно сега се прави со маларијата и за овие други болести би требало изолација на пациентот покрај сите оние мерки против комарците. Реално е мала шансата тука да се јави Денга, маларија, Зика, не е прв пат да имаме вакви болести, особено со маларија имало случаи сме имале и смртни случаи но досега немало случај да се јави случај во Македонија кој не бил во странство, значи пренесување од човек на човек со комарци“, изјави проф. д-р Никола Пановски – микробиолог во пензија.

Пановски потенцира дека комарците можат да се намалат, но не и целосно да се елиминираат, затоа вели потребни се построги мерки и засилена контрола, особено по појавата на Зика и Денга вирусот.

Андријана Ѓурческа