Иновативен начин за разладување од горештините
Пожарите се највидливата последица од екстремната жештина, но не и најсмртоносната. Опасноста продолжува и кога ќе се изгаснат пламените, а најголемиот ризик започнува кога ќе зајде сонцето. Како светот ги лади градовите и дали Македонија воопшто има план за летата што веќе не се како порано? ...

Топлотниот бран што ја зафати Европа ги соборува рекордите, но експертите предупредуваат дека најголемата опасност не е жештината што ја чувствуваме преку ден. Најголемиот ризик започнува кога сонцето ќе зајде.
Ноќите повеќе не се ладат.
Токму тие таканаречени „тропски ноќи“, кога температурата не се спушта под 20 или 25 степени, не му дозволуваат на организмот да се заздрави. Телото останува под постојан топлотен стрес, а ризикот од срцеви и мозочни удари, дехидрација и смртност значително расте
Но не страдаат сите еднакво. Најранливи се повозрасните лица, хронично болните, малите деца, работниците кои работат на отворено, бездомниците и луѓето кои живеат во густо изградени населби, каде што бетонските површини ја задржуваат топлината и со часови по заоѓањето на сонцето. Овој феномен има и свое име – „урбан топлотен остров“.
Бетонот, асфалтот и зградите во текот на денот ја впиваат сончевата енергија, а потоа постепено ја испуштаат во текот на ноќта. Затоа во еден ист град разликата помеѓу две населби може да биде и повеќе степени, зависно од тоа колку има зеленило, сенка или бетон.
Додека некои градови сè уште се обидуваат да се справат со последиците, други веќе ја менуваат својата иднина.
Во индискиот Ахмедабад, едно едноставно решение донело изненадувачки резултати. Илјадници покриви се бојадисани со специјална бела рефлектирачка боја. Внатрешната температура во домовите се намалила за два до пет степени, луѓето поретко користат клима-уреди, а ризикот од топлотен удар е значително намален.
Во Лос Анџелес наместо темен асфалт, улиците се премачкуваат со светла рефлектирачка подлога која ја намалува температурата на површината и го прави движењето низ градот поподносливо.
Во Меделин, некогаш познат по екстремните горештини, засадени се десетици километри зелени коридори долж булеварите. Илјадници дрвја денес создаваат природна сенка, го подобруваат квалитетот на воздухот и ја намалуваат просечната температура во градот за околу два степени.
Во Париз, секој граѓанин може преку мапа да пронајде најблиско „климатско засолниште“ – библиотека, музеј или друг јавен климатизиран простор каде што бесплатно може да се разлади за време на топлотен бран.
Во Сингапур, пак, цели квартови се ладат преку подземен систем низ кој циркулира студена вода. Наместо илјадници клима-уреди да исфрлаат дополнителна топлина на улиците, централниот систем троши до 40 проценти помалку електрична енергија и го намалува загревањето на градот.
Еден од најуспешните примери повторно доаѓа од Ахмедабад. Таму не е доволно само да се предупреди дека доаѓа топлотен бран. Постојат СМС-известувања до граѓаните, специјални протоколи за болниците, препораки за работодавачите, дополнителни количини вода за најранливите населби и координација меѓу сите институции. Анализите покажуваат дека ваквиот систем спречува околу 1.190 смртни случаи секоја година.
Современите технологии денес овозможуваат и нешто што до неодамна звучеше како научна фантастика. Со дронови, термални камери и сателити се изработуваат мапи кои покажуваат кои улици, паркинзи и населби се најжешките точки во градот. Токму таму потоа се садат дрвја, се поставуваат сенки или се користат материјали што помалку ја задржуваат топлината.
А што се случува кај нас? Дали знаеме кои населби во Скопје се најжешки? Дали имаме мапа на климатски засолништа? Дали постои национален план за постапување при топлотни бранови? Дали болниците и службите добиваат посебни предупредувања кога температурите достигнуваат опасни нивоа? И најважно – дали нашите градови се подготвуваат за клима што веќе се променила?“
Климатските промени одамна престанаа да бидат приказна за иднината. Тие денес ја менуваат нашата работа, нашето здравје, начинот на кој ги градиме градовите и ноќите во кои повеќе не можеме да најдеме одмор. Прашањето повеќе не е дали ќе има нов топлотен бран. Прашањето е дали ќе бидеме подготвени кога ќе пристигне.
Александра Спировска
