Партиите и натаму без компромис за Изборниот законик
Компромисот повторно остана на маса. Изборниот законик уште еднаш ги судри власта и опозицијата. Едните бараат дијаспората да гласа по пошта, другите предупредуваат на можни изборни манипулации. Додека рокот што го очекува Брисел забрзано истекува, договорот сè уште изгледа далеку...

Пропадна уште еден обид за договор околу Изборниот законик. Власта инсистира дијаспората да гласа и да се најде модел како тоа се изведе. Опозицијата, пак е на став дека тоа води кон изборен фалсификат. Премиерот Мицкоски, зборувајќи за последниот состанок во законодавниот дом, рече дека СДСМ и Левица испорачале порадикални барања, а со цел да не се усвојат законските измени. Рече дека неговата партија е подготвена да прифати една изборна единица и повеќе пари за кампањи, но да се најде компромис за гласањето на нашинците, најсоодветно по пошта, по примерот на европските демократии. Сепак, премиерот не е оптимист дека ќе се постигне договор во предвидениот рок.
Од СДСМ пак одговорија дека не се противат дијаспората да гласа, но стравуваат дека власта ќе сака да ги украде изборите. Според нив, ВМРО-ДПМНЕ нема намера да се откаже од злоупотреби и манипулација со гласовите на 200 илјади нашинци од странство.
Замената на електронското гласање, без никаква контрола, со писма по пошта, без притоа ДИК да има можност да го регулира со консензус, не е гарант за безбедност и контрола на слободно изразување на волјата на граѓаните, туку нова можност за изборни манипулации и нерегуларности.
Гласање преку пошта без строга институционална верификација оневозможува да се утврди идентитетот на гласачот и да се заштити тајноста на гласот. Тоа е директно заобиколување на изборните правила.
За партијата „Левица“ спорно е воведувањето на нови прекршоци, а најавија и претставка до Уставниот суд. Евроамбасадорот Рокас предложените измени ги оцени како добри со оптимизам дека партиите сепак ќе си подадат рака.
Европската унија очекува измените во Изборниот законик да се усвојат до 15 јули за да може да се вбројат во реализирани обврски од реформската агенда.
Анита Димитријевска - Велковска
