инфраструктура

Потпишување договор за автопатот Скопје-Блаце

06.07.2026 09:24

Вкупната инвестиција се проценува на повеќе од 200 милиони евра. Осврнувајќи се на реализираните активности и плановите на Владата во областа на патната инфраструктура, премиерот Мицкоски истакна дека во наредниот период истовремено ќе се реализираат шест автопатски делници, што, како што рече, претставува прв ваков инвестициски циклус во земјава...

Во Владата денеска ќе биде потпишан договорот за грант средства од ЕБОР за изградба на автопатот Скопје – Блаце. Вкупната инвестиција се проценува на повеќе од 200 милиони евра. Осврнувајќи се на реализираните активности и плановите на Владата во областа на патната инфраструктура, премиерот Мицкоски истакна дека во наредниот период истовремено ќе се реализираат шест автопатски делници, што, како што рече, претставува прв ваков инвестициски циклус во земјава. Многу наскоро ќе биде завршен и процесот за делницата Букојчани – Кичево, а догодина во ова време веќе треба да се користи автопатот Кичево – Охрид. До следната година пак, се очекува во употреба да бидат пуштени и првите десет километри од автопатот кај Прилеп, во двете насоки, додека во полн интензитет ќе продолжи изградбата на автопатската делница Тетово – Гостивар – Букојчани.

На автопатот Скопје – Блаце е избран конзорциум предводен од македонската градежна компанија „Гранит“. Изборот на изведувач беше потврден на средба во Истанбул меѓу вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, и директорот на канцеларијата на европската банка за обнова и развој. Предвидени се пет тунели, две галерии, 12 мостови и вкупно околу 40 инженерски објекти. Очекувањата се проектот да биде завршен во рок од три и пол години, со што ќе се обезбеди современо автопатско поврзување на Македонија со Косово, а преку него и со Црна Гора.