Продолжува расправата за Предлог-ребалансот на Буџетот
Комисија за финансирање и буџет денеска ќе ја продолжи расправата за Предлог-ребалансот на Буџетот за 2026 година во второ читање...

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ќе ја продолжи расправата за Предлог-ребалансот на Буџетот за 2026 година во второ читање.
Станува збор за трет ден од општата расправа во матичната комисија, по чиј завршеток ќе следува разгледување на поднесените амандмани. За ребалансот се доставени вкупно 224 амандмани – 87 од ДУИ, 78 од СДСМ, 51 од Левица и осум од Коалицијата ВРЕДИ. Согласно собранискиот Деловник, комисиската расправа може да трае најмногу десет работни дена, по што предлогот ќе се најде на пленарна седница.
Образложувајќи го ребалансот, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска истакна дека измените не се резултат на недостиг на приходи или нарушена ликвидност, туку на потребата буџетските проекции да се усогласат со актуелните економски услови. Според неа, со ребалансот се обезбедуваат дополнителни средства за редовна исплата на плати во секторите каде што има зголемување, за поддршка на земјоделството, социјалната заштита, општините и за интензивирање на капиталните инвестиции.
