Масовен руски напад врз Киев

06.07.2026 09:33

Војната во Украина продолжува со несмален интензитет. На удар одново Киев со ракети и беспилотни летала, има жртви и повредени...

Жителите во неколку региони на Украина поминаа уште една ноќ под руски оган. Со балистички и крстосувачки ракети и беспилотни летала одново нападната украинската метропола. Властите јавија за десетици жртви и повредени, уништена е цивилна инфраструктура, неколку повеќекратни згради се оштетени.

„Се спремавме да заспиеме кога се вклучи алармот. Морав да го присилам моето дете да замине во засолниште. Потоа ни кажаа дека нашата куќа е погодена и дека можеби повеќе немаме каде да живееме“, изјави жителка на Киев.

„По ударот, куќата почна да се урива. Се паѓаше. Службите за итни случаи почнаа да ги евакуираат сите. Потоа имаше втор удар“, изјави жителка на Киев.

Ракетниот бараж следуваше неколку часа по предупредувањето од украинскиот претседател дека Москва подготвува нов голем напад. Украинскиот лидер ги обнови повиците до западните партнери за јакнење на воздушната одбрана. Во исто време, Белата Куќа објави дека Трамп планира да се сретне со Зеленски на претстојниот самит на НАТО во Турција закажан за 7-ми и 8-ми јули.

„Мора да извршиме притисок врз Русија за да има мир. Украина веќе ги достави сите предлози, сите дипломатски опции. Очекуваме дека во текот на овие месеци што претстојат, условите за пристоен мир ќе бидат постигнати или со сила или со дипломатија“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Американскиот претседател ги критикува европските партнери дека не трошат доволно за сопствената одбрана. На минатогодишниот самит, сојузот во голема мера се согласи на барањата од Вашингтон за зголемување на трошоците за одбрана за 5 насто од БДП. Оваа недела, ќе се дискутира за спроведување на ветувањето за трошоците. Турската престолнина спроведе посебни безбедносни и сообраќајни мерки пред годишниот собир. 70.000 припадници на обезбедувањето ќе бидат распоредени за време на самитот. Група демонстранти организирана од левичарската Народноослободителна партија вчера излезе на улиците во Анкара против претстојниот состанок.

 

Маријана Димовска