Македонија

„Безбеден град“ дава резултати – за 40 проценти помалку загинати во сообраќајни несреќи

06.07.2026 16:37

Проектот „Безбеден град“ веќе дава резултати, соопшти Министерството за внатрешни работи. Според податоците, од февруари до јуни годинава бројот на загинати во сообраќајни несреќи е намален за 40 проценти во споредба со истиот период лани, додека системот досега евидентирал повеќе од 130 илјади сообраќајни прекршоци.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека проектот „Безбеден град“ е пуштен во употреба и веќе придонесува за подобрување на безбедноста во сообраќајот.

Според официјалните податоци, во периодот од февруари до јуни годинава бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди е намален за 40 проценти – од 55 жртви во истиот период минатата година на 34 оваа година.

Од почетокот на примената на системот се евидентирани повеќе од 130.000 сообраќајни прекршоци, при што над 95 проценти од нив се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина. Од Министерството оценуваат дека овие податоци покажуваат оти најголемата опасност во сообраќајот е неодговорното возење.

Во соопштението се наведува дека имплементацијата на проектот ќе продолжи низ целата држава, со цел да се намали бројот на сообраќајни несреќи и жртви на патиштата.

Од МВР истакнуваат дека „Безбеден град“ претставува современ механизам за модернизација на полициското работење и унапредување на безбедноста, нагласувајќи дека приоритет е заштитата на животите на граѓаните, а не зголемувањето на бројот на изречени казни.