Тенис

Калин Ивановски го освои Macedonian Open

06.07.2026 11:20

Македонскиот тенисер Калин Ивановски е победник на годинашното издание на Macedonian Open, откако во финалето ја освои втората титула на овој турнир. По едногодишната пауза поради повреда, Ивановски најавува дека следната цел е враќање на настапите на Гренд слем турнирите.

Македонскиот тенисер Калин Ивановски триумфираше на годинашното издание на Macedonian Open во Скопје, освојувајќи ја втората титула на овој турнир, по успехот во 2023 година.

Со оваа победа, Ивановски ја продолжи одличната серија по враќањето на терените, забележувајќи 13 победи на последните 14 натпревари, откако во јуни годинава повторно почна да настапува по едногодишната пауза поради повреда.

„Се вратив по една година повреди со многу маки. Голема чест е да се игра пред наша публика, ми дававте многу мотив и вчера и денес. Ми помогнавте да го освојам турнирот. Но, ова е само еден турнир. Треба многу сериозно да се работи. Целта ми е да се вратам да настапам на Гренд слем турнир, ова е само прв чекор“, изјави Ивановски на церемонијата на доделувањето на наградите.

Ова е шеста титула во кариерата на македонскиот тенисер, а втора освоена на турнир во Скопје.

Успешен настап на домашните тенисери имаше и во конкуренција на двојки, каде што титулата ја освоија Обрад Марковски и Горазд Србљак.