Кошарка

Македонија со максимален учинок во претквалификациите за Евробаскет 2029

06.07.2026 11:24

Македонската машка кошаркарска репрезентација со шест победи во исто толку натпревари ја заврши првата фаза од претквалификациите за Евробаскет 2029. Во последното коло, избраниците на селекторот Жозеп Марија Берокал славеа на гостувањето кај Луксембург со 80:66 и убедливо го освоија првото место во групата „А“.

Македонската машка кошаркарска репрезентација ја заврши првата фаза од претквалификациите за пласман на Евробаскет 2029 со максимален ефект, откако во последното коло ја совлада селекцијата на Луксембург со 80:66. Со шест победи во шест натпревари, Македонија убедливо го освои првото место во групата „А“.

И покрај неколкуте кадровски промени, избраниците на селекторот Жозеп Марија Берокал одиграа сигурен натпревар. Поради отсуство на Андреј Јакимовски, Марко Луканоски и капитенот Војдан Стојановски, како и дебито на Нејт Сестина во националниот тим, македонската репрезентација настапи со само деветмина активни кошаркари.

Македонија уште во првата четвртина ја презеде контролата на натпреварот и поведе со 23:15, а со одлична игра во вториот период на полувремето замина со убедлива предност од 46:27.

Домашната селекција беше подобра во третата четвртина и успеа да ја намали разликата, но македонските кошаркари во завршницата повторно го наметнаа своето темпо и без поголеми проблеми ја задржаа предноста за конечни 80:66.

Најефикасен во македонскиот состав беше дебитантот Нејт Сестина со 18 поени и пет скока, додека Ташовски натпреварот го заврши со 16 поени, седум скока и седум асистенции.

Втората рунда од претквалификациите за пласман на Евробаскет 2029 започнува на 27 август.