Норвешка и Англија закажаа европска пресметка во четвртфиналето на Мундијалот
Норвешка и Англија обезбедија пласман во четвртфиналето на Светското првенство во фудбал. Норвежаните приредија изненадување со победата над Бразил (2:1), предводени од двојниот стрелец Ерлинг Халанд, додека Англија го елиминира Мексико со 3:2 и покрај тоа што цело второ полувреме играше со фудбалер помалку.
Норвешка и Англија ќе се соочат во четвртфиналето на Светското првенство во фудбал, откако ги минаа осминафиналните пресметки против Бразил, односно Мексико.
Најголемото изненадување го приреди Норвешка, која го совлада петкратниот светски шампион Бразил со 2:1. Херој на натпреварот беше Ерлинг Халанд, кој со головите во 79. и 90. минута го однесе својот тим меѓу осумте најдобри селекции.
Бразил во првото полувреме не искористи пенал, а единствениот погодок го постигна Нејмар од белата точка во судиското продолжение, што не беше доволно за да се избегне елиминацијата.
Во вториот осминафинален дуел, Англија славеше над еден од домаќините, Мексико, со 3:2. Џуд Белингем со два гола во 36. и 38. минута донесе убедлива предност, а по намалувањето на резултатот од страна на Жулијан Куинонес, Англичаните останаа со играч помалку по исклучувањето на Џарел Кванса во 54. минута.
И покрај тоа, капитенот Хари Кејн реализираше пенал за 3:1, додека Мексико преку Раул Хименез од пенал само го ублажи поразот на конечни 3:2.
Четвртфиналниот натпревар меѓу Норвешка и Англија ќе се игра на 11 јули во Мајами, со почеток во 23 часот по македонско време.
