Во Техеран илјадници граѓани се простуваат од убиениот ирански врховен лидер
12 часа ќе трае погребната поворка за ајатолахот Али Хамение. Илјадници Иранци излегоа на улиците на Техеран да му оддадат последна почит на врховниот верскиот лидер. Во позадина продолжуваат мировните преговори меѓу Вашингтон и Техеран за изнаоѓање решение за траен мир на Блискиот Исток.

Илјадници Иранци тргнаа по погребната поворка да му оддадат последна почит на иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи. Погребниот марш кој се очекува да трае 12 часа почна од источниот дел на иранската престолнина и ќе помине низ градот по главната сообраќајница до кулата Азади на запад. Плоштадот револуција во Техеран исполнет со толпа луѓе кои се надеваат дека ќе го видат ковчегот на покојниот лидер кој беше убиен во воздушните напади во почетокот на војната меѓу Иран и САД. Ковчезите на загинатите членови на семејство Хамнеи минуваат низ улиците на Техеран пред да бидат однесени на меѓународниот аеродром Мехрабад, а останките на врховниот верски лидер ќе бидат транспортирани низ други градови во Иран, но и во соседен Ирак.
„Се чувствувам како дете кое го загубило својот татко, својот старешина, својот поддржувач. Тоа многу ме растажува. Нека бог ни помогне на сите да го пребродиме ова“, изјави Махмуд Ходаеи.
„Денес кога сме тука на погребот на нашиот водач, ова е многу тежок ден. Ние не сме тука да се збогуваме со него, тука сме за одмазда. И ќе се одмаздиме. Ова е еден од најтешките денови, никогаш не помисливме дека еден ден ќе бидеме тука за да присуствуваме на погребот на водачот“, изјави Фатима Хасан.
Секојдневието на Иранците до четврток, кога е погребот на Хамнеи се одвива во вонредни услови, затворени се улици за сообраќај, а исто така затворен е и воздушниот простор. Иранските власти пред погребните церемонии испратија предупредување до САД и до Израел да се воздржат од напади или било какви провокации. Американскиот претседател Трамп, пак, вети дека му даваат една недела одмор на Иран поради погребот. Во меѓувреме продолжуваат и мировните преговори. Се бараат решенија за Ормускиот теснец, иранската нуклеарна програма и за изнаоѓање траен мир на Блискиот Исток.
Маја Стојанова
