Руско-украински конфликт

Одново нападната украинската метропола, има жртви и повредени

06.07.2026 19:24

Војната во Украина продолжува. На удар одново Киев со ракети и беспилотни летала, има жртви и повредени. Нападот следува откако Зеленски предупреди дека Русија подготвува нов голем напад врз метрополата. Војната во Европа и одбраната, тема и на НАТО самитот во Анкара закажан за утре и задутре.На состанокот ќе присуствува и американскиот претседател Трамп кој е предвидено да се сретне со украинскиот лидер...

Жителите во неколку региони на Украина поминаа уште една ноќ под руски оган. Со балистички и крстосувачки ракети и беспилотни летала одново нападната украинската метропола. Властите јавија за десетици жртви и повредени по нападите врз цивилна инфраструктура.

„Се спремавме да заспиеме кога се вклучи алармот. Морав да го присилам моето дете да замине во засолниште. Потоа ни кажаа дека нашата куќа е погодена и дека можеби повеќе немаме каде да живееме“, изјави жителка на Киев.

„По ударот, куќата почна да се урива. Се паѓаше. Службите за итни случаи почнаа да ги евакуираат сите. Потоа имаше втор удар“, изјави жителка на Киев.

Ракетниот бараж следуваше неколку часа по предупредувањето од украинскиот претседател дека Москва подготвува нов голем напад. Украинскиот лидер ги обнови повиците до западните партнери за јакнење на воздушната одбрана.

„Мора да извршиме притисок врз Русија за да има мир. Украина веќе ги достави сите предлози, сите дипломатски опции. Очекуваме дека во текот на овие месеци што претстојат, условите за пристоен мир ќе бидат постигнати или со сила или со дипломатија“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Во исто време, Белата Куќа објави дека Трамп планира да се сретне со Зеленски на претстојниот самит на НАТО во Турција, утре и задутре. Трошењето за одбрана е клучна тема на состанокот, при што САД повторно вршат притисок врз сојузниците да ги зголемат своите воени буџети. На минатогодишниот самит, сојузот во голема мера се согласи на барањата од Вашингтон за зголемување на трошоците за одбрана за пет насто од БДП.

„Навистина е многу критичен самит бидејќи во Хаг, имаше одлуки за трошење. Тоа, несомнено, ќе биде дел од агендата за да се види каде е НАТО во врска со ова. Но, има големи прашања во позадина, пред сè за САД, нивните обврски во Европа, и мислам дека европските сојузници ќе бидат многу заинтересирани да го чујат претседателот Трамп, особено, за тоа, дали САД ќе останат ангажирани во европската безбедност? Дали ќе сторат повеќе за Украина како што можеби предложи Г7?“, изјави Иан Лесер, соработник на Германскиот фонд Маршал Иан Лесер.

Во турската престолнина, над 70 илјади чувари на редот се грижат за мирот и безбедноста за време на годишниот собир. И покрај забраната за протести за време на самитот, опозициските движења излегоа на улиците, десетици луѓе се приведени, меѓу нив и новинари.

 

Маријана Димовска