Народната банка напредува во воспоставувањето склад на податоци за екстерните статистики со поддршка од ЕУ
Народната банка ги заврши првите две фази од проектот финансиран од Европската Унија за воспоставување современ склад на податоци за потребите на екстерните статистики. Проектот треба да придонесе за поголема дигитализација, поефикасни работни процеси и поквалитетни статистички податоци, како и за усогласување со европските стандарди.

Народната банка успешно ги заврши активностите од првите две фази на компонентата за воспоставување склад на податоци за потребите на екстерните статистики, во рамки на проектот финансиран од Европската Унија „Зајакнување на капацитетот на Народната банка во областа на екстерните статистики, платежната статистика и платните системи“.
Во првата фаза од проектот беа анализирани постојните состојби и беше подготвена функционална спецификација, додека во втората фаза е изработен дизајнот на ИТ-решението и нацрт-документот. Следуваат фазите на развој, тестирање и имплементација на новото системско решение.
Од Народната банка посочуваат дека проектот ќе овозможи воспоставување современ склад на податоци за потребите на екстерните статистики, понатамошна дигитализација и оптимизација на работните процеси, зголемување на оперативната ефикасност и обезбедување поквалитетни, посеопфатни и подостапни статистички податоци за јавноста и институциите.
Воедно, проектот претставува значајна поддршка за исполнување на обврските во процесот на европската интеграција и за понатамошно усогласување со статистичките стандарди и практики на Европската Унија.
Покрај воспоставувањето склад на податоци за екстерните статистики, проектот опфаќа и компонента за воведување на новиот светски стандард ISO 20022 во Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС).
