Македонија

Промовиран Каталогот за континуирани обуки во МВР

06.07.2026 19:38

Министерството за внатрешни работи го промовираше Каталогот за континуирани обуки, изработен во соработка со Полициската академија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Според министерот Панче Тошковски, документот е важен чекор кон изградба на модерна, професионална и ефикасна полиција.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски присуствуваше на промоцијата на Каталогот за континуирани обуки на Министерството за внатрешни работи, кој е изработен во соработка со Полициската академија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

На промоцијата, одржана во Полициската академија во Идризово, Тошковски истакна дека Каталогот претставува значаен чекор во унапредувањето на професионалниот развој, стручноста и капацитетите на вработените во Министерството, нагласувајќи дека современите безбедносни предизвици бараат високо обучена и ефикасна полициска служба.

Според него, Каталогот не е само преглед на програмите за обука, туку и стратешка алатка за професионален развој, која треба да придонесе за зајакнување на институционалните капацитети, подобрување на квалитетот на полициското работење и зголемување на довербата на граѓаните во полицијата.

Во документот се содржани систематизирани програми за обука, изготвени согласно потребите на полициската служба, современите безбедносни стандарди и меѓународните практики. Обуките се насочени кон развој на стручните, оперативните и лидерските компетенции, со акцент на практичната примена на знаењата, почитувањето на човековите права, професионалниот интегритет и етичките стандарди.

Тошковски упати благодарност до Полициската академија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје за поддршката во подготовката на Каталогот, нагласувајќи дека Министерството останува посветено на континуирано инвестирање во знаењето и професионалниот развој на полициските службеници како предуслов за изградба на современа и доверлива полиција.