Политика

Собраниска делегација учествува на Годишната сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ во Хаг

06.07.2026 19:00

Собраниска делегација учествува на 33. Годишна сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ во Хаг. Во фокусот на дискусиите се меѓународното право, безбедноста, демократијата, човековите права и справувањето со современите безбедносни предизвици.

Собраниска делегација, составена од Моника Зајкова, Никола Мицевски и Бобан Карапејовски, учествува на 33. Годишна сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ, која од 4 до 8 јули се одржува во Хаг, Холандија.

На сесијата, на која учествуваат повеќе од 250 парламентарци од земјите членки на ОБСЕ, главна тема е „Меѓународното право и заедничките принципи: темели за безбедност и соработка во регионот на ОБСЕ“.

Шефицата на делегацијата Моника Зајкова, во обраќањето пред Генералната комисија за политички прашања и безбедност, истакна дека почитувањето на меѓународното право, суверенитетот и територијалниот интегритет се основа за европската безбедност и стабилност. Таа ја осуди руската агресија врз Украина и оцени дека траен мир може да се постигне единствено со почитување на меѓународното право. Зајкова се осврна и на современите безбедносни закани, како кибернападите, дезинформациите и злоупотребата на новите технологии, посочувајќи ги искуствата на Северна Македонија во јакнењето на кибербезбедноста и институционалната отпорност.

Пратеникот Никола Мицевски учествуваше во дебатата на Генералната комисија за економски прашања, наука, технологија и животна средина, каде што ја нагласи важноста на економската отпорност, одржливиот развој и технолошките иновации за регионалната безбедност. Тој посочи дека земјата е посветена на зелената транзиција, инвестициите во обновливи извори на енергија и развојот на транспортната и енергетската поврзаност.

Во Генералната комисија за демократија, човекови права и хуманитарни прашања се обрати пратеникот Бобан Карапејовски, кој ја истакна потребата од заштита на владеењето на правото, демократските институции и човековите права. Тој ја нагласи важноста од почитување на меѓународното хуманитарно право, како и улогата на ОБСЕ и Охридскиот рамковен договор во зачувувањето на меѓуетничката стабилност во Северна Македонија.

На крајот од Годишната сесија се очекува Парламентарното собрание на ОБСЕ да ја усвои „Декларацијата од Хаг“, со препораки до владите и парламентите на земјите учеснички за прашања од областа на безбедноста, економијата, животната средина и човековите права.