Матичните лекари го ставија штрајкот во мирување, ќе се разгледуваат странски искуства
Приватните матични лекари бараат покачување на капитацијата, воведување партиципација за повеќе од еден преглед во месецот, а лиценцата за работа да не се врзува за лекар туку за установа. До министерот Тодоров стигнале и контра артгументи од група млади лекари кои според него се издржани...

Здружението на матични приватни лекари го ставија во мирување тричасовниот прекин на работата закажан за в петок. Со министерот за здравство Тодоров се договориле во наредните 10-тина дена да земат примери од други странски земји како таму се спроведуваат нивните барања со цел да се подобри здравствениот систем во земјава.
„Имаше навистина добро расположение од другата страна, се дискутираше со аргументи и сметам дека е добро што ќе има уште еден работен состанок, на кој ние би отишле со предлози од други здравствени системи, со што би понудиле конструктивен предлог со што би направиле позитивен исчекор во здравството на нашата држава“, рече д-р Лилјана Чолакова Дервишова, претседател на здружението на приватни матични лекари.
Приватните матични лекари бараат покачување на капитацијата, воведување партиципација за повеќе од еден преглед во месецот, а лиценцата за работа да не се врзува за лекар туку за установа. До министерот Тодоров стигнале и контра артгументи од група млади лекари кои според него се издржани. Му порачале дека доколку ги прифати барањата на приватните матични лекари тие никогаш нема да добијат шанса за своја приватна ординација.
„Концептот на матичен лекар не е концепт на матична здравствена установа, значи секој од нас си бира лекар. Аргументите на здружение на лекари или на раководството на здружението на матични лекари е дека они сакаат да биде на матична установа, значи на приватна здравствена установа, а од друга страна млади лекари викаат дека ако тоа се случи никогаш нема да можат да си отворат“, рече министерот за здравство, Никола Тодоров.
Дали ќе се усвојат барањата на приватните матични лекари ќе се знае за 10-тина дена за кога е најавена повторно средба со министерот Тодоров.
Андријана Атанасовска
