Животна средина

Нема автоматско продолжување на дозволата за Цементарница, порача Хоџа

06.07.2026 17:24

Цементарница нема автоматски да добие нова еколошка дозвола, туку ќе мора да ги исполни условите од новиот Закон за контрола на индустриски емисии, кој стапува во сила од септември следната година, изјави министерот за животна средина Муамет Хоџа на отчетот за шестмесечното работење.

Цементарница би можела да добие нова дозвола само согласно со новиот Закон за контрола на индустриски емисии кој ќе стапи во сила од септември следната година, а кој предвидува построги стандарди за индустрискиот сектор. Нема автоматско продолжување на дозволата, компанијата ќе треба да ги исполни сите законски услови и еколошки критериуми – категоричен е министерот за животна средина, Хоџа.

Ако имаме отпад, а имаме, тоа значи дека имаме и ресурс за обновливи извори на енергија и потенцијал за циркуларна економија. Набавени се механизација и опрема, приоритет на ова Министерство се и регионалните системи за управување со отпад како трајно и системско решение за дивите депонии.

За поголема заштита од аерозагадувањето се врши и замена на нееколошките системи за греење во јавните објекти. Од модерни канализациски системи до пречистителни станици или речиси 300 инфраструктурни проекти, се темелите на зелениот пресврт кој се гради, а кој влијае на квалитетот на животот на граѓаните, истакна ресорниот министер при отчетот за неговото шестмесечно работење.

Александра Велинова