Во Собранието надзорна расправа за примена на Законот за употреба на македонскиот јазик
Надзорната расправа за примена на Законот за употреба на македонскиот јазик премина во политички судир. Опозицијата обвини дека две години законот останува главно на хартија. власта тврди дека се преземаат конкретни чекори за негова примена...

Надзорната расправа за примена на Законот за употреба на македонскиот јазик, брзо премина во политички судир. Опозицијата обвини дека две години законот останува главно на хартија. Додека власта тврди дека се преземаат конкретни чекори за негова примена, формиран е инспекторатот, се подготвува националната стратегија, а лекторските испити се спроведуваат во континуитет.
Опозицијата побара одговори, колку инспекциски надзори се спроведени, што покажале контролите и што конкретно е направено за афирмација на македонскиот јазик. Од инспекторатот одговорија дека засега се вработени двајца инспектори кои претходно треба да поминат едногодишна обука пред да излезат на терен. Во тек е постапка за вработување на уште тројца.
Пред пратениците забелешки изнесе и поранешната претседателка на Советот за македонски јазик. Потсети дека оставката ја поднела поради недостиг на комуникација со надлежните институции и посочи дека советот не бил вклучен во изработка на националната стратегија. Побара поголеми ингеренции за ова тело.
На проблеми во практичната употреба на македонскиот јазик укажаа и од здружението на лектори. Велат, граматичките грешки сè уште се честа појава, побараа поголема вклученост на лектори при подготовката на законите и повеќе лектори во медиумите.
Андријана Ѓурческа
