Турција

Самит на НАТО во Анкара, македонската делегација ја предводи Сиљановска – Давкова

07.07.2026 10:05

Почнува НАТО самитот во Анкара, во фокусот Украина и трошоците за одбраната. САД вршат притисок врз сојузниците да ги зголемат воените буџети. Генералниот секретар, Руте, побара од членките да изнесат конкретни планови за да ги постигнат целите на организацијата. Македонската делегација во Турција е предводена од претседателката Сиљановска – Давкова.

Денеска и утре, шефовите на држави и влади на земјите-членки на НАТО, на самит во Анкара. Македонската делегација ја предводи Претседателката и врховен командант на Армијата, Сиљановска-Давкова, а е придружувана од министерот за одбрана и за надворешни работи и надворешна трговија Мисајловски и Муцунски, како и од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Лафчиски. Во фокусот на самитот се инвестициите во одбраната, развојот на одбранбената индустрија и помошта за Украина.

„Пред една година во Хаг, Алијансата се обврза да инвестира многу повеќе во одбраната, пет насто од БДП до 2035-тата. Веќе направивме значителен прогрес. Се согласивме да ги зголемиме одбранбените производствени капацитети. Една година подоцна, во Анкара ги претставуваме резултатите. Денеска, алијансата и индустриите од двете страни на Атлантикот ќе објават големи проекти“, истакна Марк Руте, генерален секретар на НАТО.

„Трошењето за одбрана е вредна политичка обврска, но самото трошење не е доволно. Она што навистина е важно е градење повеќеслојна одбранбена стратегија што се справува со заканите како што се манипулациите генерирани од вештачка интелигенција, кибернападите, дезинформациите и ерозијата на јавната доверба, а истовремено инвестирање во вистински воен капацитет. Улогата на Турција во алијансата го одразува токму ова разбирање, што, верувам, е она за што се залага НАТО 3.0“, изјави Бурханетин Дуран, директор за комуникации на Турција.

Меѓу другото, генералениот секретар на Алијансата ги повика земјите-членки да го дадат својот придонес и да се осигурат дека Украина ќе го добие она што и е потребно за да го одбрани суверенитетот. Додека војната продолжува со несмален интензитет, Зеленски притиска за повеќе системи за воздушна одбрана, а воедно и за лиценца за производство на „Патриот“. Овие прашања ќе бидат дискутирани за време на најавената средба со шефот на Белата Куќа.

„Едноставно е бесмислено што, во денешниот свет, производството сè уште не е зголемено до нивото што е всушност потребно за заштита на луѓето од балистички терор. Одамна тврдевме дека сме способни сами да произведуваме такво одбранбено оружје. Доколку Украина добиеше американски лиценци за производство на Патриоти, нашето сопствено производство би било доволно и за заштита на Украина и за помош на партнерите во неволја“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Соединетите Американски Држави вршат притисок врз сојузниците да ги зголемат воените буџети и Европа да преземе одговорност во однос на сопствената одбрана. 

Маријана Димовска