Енергетика

Продолжен рокот за субвенции за приклучок и котел на гас, аплицирањето трае до 31 октомври

07.07.2026 15:52

Министерството за енергетика го продолжи рокот за аплицирање за државна поддршка за приклучок на природен гас или набавка на котел на гас. Граѓаните можат да добијат до 30.000 денари, односно до 70 проценти од направените трошоци.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го продолжи рокот за аплицирање за финансиска поддршка за приклучок на природен гас или за набавка на котел на гас до 31 октомври 2026 година.

Со мерката, домаќинствата можат да добијат до 30.000 денари, односно до 70 проценти од направените трошоци, а за реализација на програмата се обезбедени 3 милиони денари. Средствата ќе се доделуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, до нивно исцрпување.

Право на аплицирање имаат домаќинства кои во текот на 2026 година ќе се приклучат на системот за дистрибуција на природен гас, како и оние што ќе набават котел на гас за објект кој веќе е приклучен на мрежата. Министерството ги повикува заинтересираните граѓани навремено да ги поднесат своите барања согласно условите од јавниот оглас.