Фотографска изложба и мултимедијален перформанс во Сули ан во рамки на Скопско лето
Факултетот за ликовни уметности – Сули ан вечерва и утре ќе биде домаќин на два уметнички настана. Публиката ќе има можност да ја проследи фотографската изложба „Света Софија – Светлината на тишината“ на светски познатите фотографи Изет Керибар и Мехмед Озџај, како и мултимедијалниот перформанс „Тело од оган“ на Игор Јосифов, со слободен влез.

Во организација на Факултетот за ликовни уметности – Сули ан и во соработка со Турскиот културен центар „Јунус Емре“, вечерва со почеток во 20:30 часот ќе биде отворена фотографската изложба „Света Софија – Светлината на тишината“ на светски познатите фотографи Изет Керибар и Мехмед Озџај.
Изложбата преку фотографиите ја претставува безвременската убавина, архитектурата и духовната атмосфера на Света Софија, нудејќи им на посетителите поинаков уметнички поглед кон еден од најзначајните светски споменици.
Утревечер, исто така од 20:30 часот, во дворот на Сули ан ќе се одржи мултимедијалниот перформанс „Тело од оган“ на визуелниот и перформанс уметник Игор Јосифов, со музичка придружба на американскиот диџеј Џејмс Худини.
Перформансот го истражува односот меѓу огнот, просторот и уметничката трансформација преку видео проекции, инсталација и сценски израз, при што огнот е третиран како креативен медиум, а не како деструктивна сила.
Игор Јосифов зад себе има повеќе од две децении меѓународна кариера, со настапи и изложби во реномирани светски институции, меѓу кои и Музејот на модерна уметност во Њујорк, Институтот за уметност во Чикаго и Венециското биенале.
Влезот за двата настана е слободен.
