Почна НАТО самитот во Анкара, во фокусот Украина и трошоците за одбраната
Почна НАТО самитот во Анкара, во фокусот Украина и трошоците за одбраната. САД вршат притисок врз сојузниците да ги зголемат воените буџети. Генералниот секретар, Руте објави проекти со цел проширување на сојузничките капацитети во воздушната поддршка, разузнавањето и надзорот.Македонската делегација во Турција е предводена од претседателката Сиљановска Давкова...

Денеска и утре, шефовите на држави и влади на земјите-членки на НАТО, на самит во Анкара. Македонската делегација ја предводи Претседателката и врховен командант на Армијата, Сиљановска-Давкова, а е придружувана од министерот за одбрана и за надворешни работи и трговија Мисајловски и Муцунски, како и од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Лафчиски. Во фокусот на самитот се инвестициите во одбраната, развојот на одбранбената индустрија и помошта за Украина.
„Сојузниците и индустријата од двете страни на Атлантикот ќе откријат нови големи проекти и ќе потпишат договори вредни милијарди. Ова се милијарди што се инвестираат во нашата безбедност, ги зајакнуваат нашите економии и поддржуваат стотици илјади нови работни места“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Пред една година во Хаг, сојузниците се обврзаа да инвестираат во одбраната пет насто од БДП до 2035 година. На Форумот за одбранбена индустрија, Руте претстави проекти со цел проширување на сојузничките капацитети во воздушната поддршка, разузнавањето и надзорот. Сојузниците заеднички ќе набават до десет летала за надзор од шведско производство за да ја заменат застарената сојузничка флота од авиони од американско производство.
„Глобалај“ всушност и обезбедува на алијансата моќна способност за надзор и извидување. Исто така, ќе ја зајакне нашата способност да идентификуваме и да одговориме на заканите, и сегашни и идни во различни домени и насоки“, изјави Улф Кристерсон, премиер на Шведска.
Во наредните пет години, 40 милијарди долари ќе бидат вложени во капацитетите за одбрана од дронови. Сојзуниците се обврзале да соработуваат во набавката, складирањето, транспортот и управувањето со резервите на критични одбранбени материјали.
„Воздушниот одбранбен капацитет е нашата прва линија на одбрана. Сведоци сме дека во последните месеци, постојано беше нарушуван воздушниот простор од руски дронови и ракети. НАТО успешно ги пресретна и лансираните балистички ракети од Иран до нашиот сојузник Турција. Крајната цел е да ја зачуваме безбедноста и потребни ни се повеќе од овие капацитети. Ова можеме да го направиме заедно со искористување на сите наши ресурси. Ова вклучува меѓународни напори, да го зголемиме одвраќањето во воздушниот простор“, изјави Радмила Шеќеринска, заменик-генерален секретар на НАТО.
САД вршат притисок Европа да преземе одговорност во однос на сопствената одбрана, преку концептот „НАТО 3.0“ градејќи посилна Европа во рамки на посилно НАТО.
„Трошењето за одбрана е вредна политичка обврска, но самото трошење не е доволно. Она што навистина е важно е градење повеќеслојна одбранбена стратегија што се справува со заканите како што се манипулациите генерирани од вештачка интелигенција, кибер нападите, дезинформациите и ерозијата на јавната доверба, а истовремено инвестирање во вистински воен капацитет“, изјави Бурханетин Дуран директор за комуникации на Турција.
Додека војната во Украина продолжува со несмален интензитет, Зеленски притиска за повеќе системи за воздушна одбрана, а воедно и за лиценца за производство на „Патриот“. Во Анкара предвидена е средба Трамп-Зеленски. Шефот на Белата Куќа изјави дека на војната и се ближи крајот. Вчера Кремљ потврди дека претседателите на САД и Русија разговарале телефонски, а следен разговор е предвиден во блиска иднина.
Маријана Димовска
