Иванов пред СБ на ОН: Светската организација да ги почитува своите резолуции
Во историското обраќање на претседателот Ѓорге Иванов на седница на Советот за безбедност на Обединетите нации, Македонија како ко-спонзор на резолуцијата за борба против странските борци на Исламската држава. Шефот на државата побара светската организација да си ги почитува своите резолуции и пресуди на меѓународниот суд на правадата, што значи прием на Македонија во НАТО и ЕУ...

15.000 странци од 30 земји членки на Обединетите нации се борат на страната на Исламската држава. Советот за безбедност едногласно донесе резолуција за запирање на феноменот на странски борци коишто можат да вршат смртоносни напади по враќањето дома. На седницата на Советот за безбедност учествуваше и Претседателот Иванов како ко-спонзор на резолуцијата.
„Овој Совет може и мора да придонесе кон мирот, безбедноста и стабилноста на Балканот. Апелирам и очекувам Советот на безбедност да опстои на безусловно почитување на неговите резолуции. Очекувам Советот за безбедност да се ангажира и во насока на почитување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата за случајот Македонија. Второ, забрзаната интеграција на Република Македонија и другите балкански држави во Европската Унија. Одлагајќи го проширувањето, Унијата создава вакуум во историски најпорозниот геополитички простор. И сите знаеме дека не постои вакуум во геополитички простор, порано или подоцна вакуумот се стреми да биде пополнет. Европската Унија не смее да заборави дека Балканот е дел од Европа и дека одлагајќи го проширувањето си создава проблем на сопствената територија. Неопходно е час поскоро да се интегрираат сите земји од Западниот Балкан во Европската Унија. Трето, верувам дека е неопходно формирање на Регионален центар на контратероризам во земјите од Западниот Балкан, што би работел на прво, одредување и проценка на заканите од тероризам, и второ оперативна координација при што еден центар оперативно би ги следел заканите од тероризам на таргети по географски принципи“, рече претседателот Иванов во својот говор.
Со резолуцијата се предвидува земјите членки да спречат регрутирање, организирање, опремување, финансирање и транспортирање на странските борци терористи.
„Само резолуцијата нема да биде доволна. Ветувања на хартија не можат да не чуваат безбедни. Реторика и добри намери нема да спречат ниту еден терористички напад. Зборовите искажани денеска овде треба да бидат соодветно спроведени со акции и дела. Конкретни акции во земјите членки и помеѓу нив, не само во наредните денови туку и идните години. Предизвикот во нашиот меѓусебно поврзан свет не може да се надмине од само една држава, туку од ваков собир. Терористите ги минуваат границите и се закануваат дека ќе направат невидено насилство. Овие терористи веруваат дека нашите земји нема да можат да ги сопрат, но безбедноста на нашите граѓани вели дека мора да го направиме тоа. Денеска сум овде да кажам дека сите Вие кои се обврзавте на оваа итна работа, ќе најдете силен и стабилен партнер во Соединетите Американски Држави“, нагласи претседателот на САД, Барак Обама.
Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки- Мун посочи дека борбата против ИДИЛ нема никаква врска со Исламот, а таканаречената Исламска држава, не е држава.
Македонија предложи три мерки. Прво Грција да престане да се спротивставува на нашиот прием во НАТО, Европската Унија да продолжи со проширувањето и да се формира Центар за размена на разузнавачки информации за борба против терористите.
Ирина Гелевска
