Собрание

Промовиран Кодексот за етичко однесување на пратениците

07.07.2026 17:22

Во Собранието беше промовиран Кодексот за етичко однесување на пратениците, кој треба да воспостави повисоки стандарди на интегритет, меѓусебна почит и парламентарен дијалог. Претседателот на Собранието, Африм Гаши порача дека неговото усвојување е почеток на нова парламентарна практика.

Во македонското Собрание, промовиран кодексот за етичко однесување на пратениците. Со него се уредува однесувањето на народните избраници, за време на извршувањето на функцијата.

Поконкретно, согласно одредбите на кодексот, пратениците треба да работат етички и во јавен интерес, а со цел зголемување на довербата во институциите, парламентарниот дијалог и меѓусебната почит.

Усвојувањето на кодексот не е крај на еден процес, туку напротив, почеток на воспоставување на нов стандард во парламентарниот живот, истакна претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Кодексот, со чии одредби се регулираат основните начела и принципи на етичкото однесување на пратениците, во македонското Собрание беше изгласан пред околу еден месец.

Марија Котовска