НАТО самит во Анкара: Одбранбените инвестиции, Украина и воздушната одбрана во фокусот
Шефовите на држави и влади на земјите-членки на НАТО денеска и утре заседаваат во Анкара. На самитот, на кој учествува и македонската делегација предводена од претседателката Сиљановска-Давкова, главни теми се зголемувањето на инвестициите во одбраната, поддршката за Украина и јакнењето на сојузничките капацитети за воздушна одбрана.

Шефовите на држави и влади на земјите-членки на НАТО, денеска и утре, на самит во Анкара. Македонската делегација ја предводи претседателката и врховен командант на армијата, Сиљановска-Давкова, придружувана од министрите за одбрана и за надворешни работи и трговија, Мисајловски и Муцунски, како и од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Лафчиски. Инвестициите во одбраната, развојот на одбранбената индустрија и помошта за Украина-во фокусот на самитот. Руте и Зеленски ги повикаа сојузниците да ја зајакнат украинската воздушна одбрана.
„Она што го гледаме во последните неколку месеци, а што го прави Украина е навистина е храбро. Вие сте многу поуспешни и на фронтовската линија. Мислам дека има едно големо прашање на кое треба да работиме. Тоа е воздушната одбрана. Осигурување дека вашите градови, вашата витална инфраструктура се заштитени. Економијата во Русија е во многу лоша состојба. Имам една порака-ако сте млад човек во Русија и размислувате да се приклучите на војската, можеби ќе бидете еден од тие кои вашиот претседател Путин, е подготвен да ги жртвува. Затоа, размислете повторно пред да се приклучите на војската“, изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
„Ви благодарам за овој отворен форум, кој е многу важен форум за одбранбена индустрија. Утре ќе разговараме за различни теми со претседателот Трамп и за она што е важно за нас-да се најде начин како да се стигне што е можно побрзо, што е можно повеќе ракети за системите „Патриот“. Ова е најважното нешто што ќе го разговараме на самитот на НАТО. Мислам дека ги видовте сите напади од Русија. Секојдневни напади. Вистина е дека Русија почна да станува слаба на бојното поле, но ни треба поголем притисок и повеќе санкции врз Русија“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
На форумот за одбранбена индустрија, претставени и проекти за проширување на сојузничките капацитети во воздушната поддршка, разузнавањето и надзорот. Заеднички ќе се набават до десет летала за надзор од шведско производство за да ја заменат застарената сојузничка флота од авиони од американско производство.
„Глобалај всушност и обезбедува на алијансата моќна способност за надзор и извидување. Исто така, ќе ја зајакне нашата способност да идентификуваме и да одговориме на заканите, и сегашни и идни во различни домени и насоки“, рече Улф Кристерсон, премиер на Шведска.
Во наредните пет години, 40 милијарди долари ќе бидат вложени во капацитетите за одбрана од дронови. Нато-членките се обврзале да соработуваат во набавката, складирањето, транспортот и управувањето со резервите на критични одбранбени материјали.
„Воздушниот одбранбен капацитет е нашата прва линија на одбрана. Сведоци сме дека во последните месеци, постојано беше нарушуван воздушниот простор од руски дронови и ракети. НАТО успешно ги пресретна и лансираните балистички ракети од Иран до нашиот сојузник Турција. Крајната цел е да ја зачуваме безбедноста и потребни ни се повеќе од овие капацитети. Ова можеме да го направиме заедно со искористување на сите наши ресурси. Ова вклучува меѓународни напори, да го зголемиме одвраќањето во воздушниот простор“, изјави Радмила Шекеринска, заменик-генерален секретар на НАТО.
И американскиот претседател Доналд Трамп пристигна во Анкара. На аеродромот го пречека домаќинот на НАТО самитот, турскиот претседател Ердоган.
Катерина Бојаџиева
