Собрание

Жестока собраниска дебата за стабилноста на ПИОМ

07.07.2026 19:23

Во собраниската Комисија за финансирање и буџет започна амандманската расправа по предлог ребалансот на Буџетот. Општиот претрес за прекроената државна каса заврши со жестока расправа на власта и опозицијата околу пензиите и стабилноста на Фондот. Доминираа обвинувања за прикривање на буџетската состојба и ново задолжување, но и уверувања за подобар животен стандард и инфраструктурни инвестиции.

Колку изгубиле, а колку добиле пензионерите, различните математики за пензиите и стабилноста на фондот ја вжештија дебатата последниот ден од општиот претрес за прекроената државна каса. Од опозицијата обвинуваат за наводно зголемување на границата на пензионирање. Кризата во пензискиот фонд се чувствува и со зголемувањето на придонесите од 18, 8 на 19, 9 насто.

Пратениците од власта пак потсетија дека дупката во пензискиот фонд е наследена и за истата предупредувала и тогашната министерка Царовска. Евентуалното поместување на границата велат е предлог и доколку се усвои секој би одлучувал индивидуално.

Според опозицијата власта не нуди долгорочно одржливо решение за пензискиот систем и дека линеарното зголемување на пензиите е популистичка мерка која го зголемува притисокот врз Буџетот. Пратениците на власта возвратија дека токму со нивните политики пензионерите добиле најголемо зголемување на пензиите досега и дека за тие средства е обезбедена финансиска покриеност во ребалансот на Буџетот.

Александра Велинова