Мисајловски учествува на Самитот на НАТО во Анкара: Фокус на одбраната, индустријата и соработката
Мисајловски вчера во Анкара, Република Турција учествуваше на повеќе активности и состаноци организирани во рамки на Самитот на Алијансата, меѓу кои и приемот за министри за одбрана, организиран од турскиот министер за национална одбрана, Јашар Ѓулер, Индустрискиот форум како и церемонијата за приклучување на Франција, Финска и Шведска кон Мултинационалната...

Министерот за одбрана Владо Мисајловски вчера во Анкара, Република Турција учествуваше на повеќе активности и состаноци организирани во рамки на Самитот на Алијансата, меѓу кои и приемот за министри за одбрана, организиран од турскиот министер за национална одбрана, Јашар Ѓулер, Индустрискиот форум како и церемонијата за приклучување на Франција, Финска и Шведска кон Мултинационалната соработка за воспоставување на НАТО обука за летање во Европа (NATO Flight Training Europe).
За време на Самитот министерот Владо Мисајловски учествуваше на Форумот за одбранбена индустрија во чиј фокус беа иновациите и развојот на одбранбената индустрија кои се клучен елемент за колективната безбедност, како и воспоставувањето на соработка за заеднички набавки за опремување на одбранбените сили. На форумот на кој присуствуваа високи претставници од сојузничките и партнерските земји и претставници од воената индустрија беше испратена пораката: „Нема силна одбрана без силна одбранбена индустрија!“
Учеството на овој форум е исклучително важно имајќи ја предвид намерата на македонската Влада за поддршка на развојот на домашните компании во областа на наменската, воена индустрија.
На првиот работен ден, се одржа и церемонија за прием на три сојузнички земји – Франција, Финска и Шведска кон Мултинационалната соработка за воспоставување на НАТО обука за летање во Европа (NFTE – NATO Flight Training Europe) – стратешки значајна иницијатива за воспоставување на интегриран систем за летачка обука во Европа. Преку NTFE се создава ефикасен, координиран и стандардизиран долгорочен систем за обука на пилоти, техничари и воздухопловен персонал согласно НАТО стандардите и потребите. Нашата земја е дел од основачите на оваа иницијатива.
Во текот на вчерашниот ден Мисајловски учествуваше на приемот за министри за одбрана, организиран од турскиот министер за национална одбрана, Јашар Ѓулер каде имаше и свое обраќање пред присутните. Тој во оваа прилика ја истакна одличната соработка која ја имаат нашите две земји, дека се пример за градење одлични билатерални односи и му упати честитки на министерот Ѓулер за новиот објект на Министерството за национална одбрана на Република Турција.
Активностите продолжија во претседателскиот комплекс во Анкара каде Мисајловски учествуваше на состанокот на Северноатлантскиот совет во формат на министри за одбрана на кој учествуваа и министрите за одбрана на земјите партнери од Индо-пацифичкиот регион. За време на овој настан со своите колеги министерот Мисајловски информираше за инвестициите од македонскиот буџет во развојот на одбраната на земјата и процесот на модернизација на Армијата, со што се јакне борбената готовност на македонската Армија, а се зацврстува и колективната безбедност на НАТО. Тој додаде дека издвојувањата кои македонската влада ги прави во поглед на одбраната, а кои ги вклучува и инвестициите поврзани со одбраната и заштитата на националната безбедност, како што е заштитата на критичната инфраструктура и изградбата на двата суштински коридори надминуваат 4% од предвидените 5% кои е потребно да се достигнат во наредните 10 години. Мисајловски нагласи дека со сите досегашни договори и поддршка која ја добива македонската армија од сојузниците и партнерите меѓу кои и преку Европскиот мировен фонд дополнително се влијае на зајакнување на капацитетите при извршување на задачите во мировните мисии и операции. Во тој контекст министерот Мисајловски нагласи дека од особено значење е двете мисии на ЕУ мисијата во Босна и Херцеговина АЛТЕА и НАТО мисијата КФОР да продолжат и да бидат гарант за стабилноста на овој регион.
