Повторно тензии на Блискиот исток

Американски напади врз Иран по инцидентите во Ормускиот теснец

08.07.2026 11:15

Вашингтон соопшти дека погодил повеќе од 80 цели поврзани со Иранската револуционерна гарда, како одговор на нападите врз трговски бродови. Во регионот се засилени безбедносните мерки, а неизвесна останува и иднината на американско-иранските преговори.

Одново тензии на Блискиот Исток. САД извршија напади врз Иран, како одговор на вчерашните напади врз три танкери за нафта во Ормускиот теснец. Американската централна команда соопшти дека погодила над 80 цели, вклучувајќи повеќе од 60 мали пловила на корпусот на Исламската Револуционерна гарда.

„Американските сили ги нападнаа иранските системи за воздушна одбрана, мрежите за команда и контрола, крајбрежните радарски места, противбродските ракетни капацитети и повеќе од 60 мали чамци на Исламската револуционерна гарда во и во близина на теснецот за да ја намалат способноста на Иран да продолжи да ја напаѓа меѓународната трговија што тече низ меѓународниот трговски коридор“, соопштуваат од Централната команда на САД.

Претседателот на САД од НАТО самитот во Турција упати критики кон земјите-членки за одлуката да останат надвор од конфликтот со Иран. Генералниот секретар Руте вели дека го разбира разочарувањето од американската страна, но тоа е поврзано со изолирани случаи. Во исто време, потенцираше дека 5.000 летови биле изведени од европските бази.

„Мислам дека беше апсолутно неопходно затоа што кога имате прекин на огнот и Иран во основа го крши прекинот на огнот, гледаме што се случи вчера со бродовите кои се недопрени. Мислам дека е апсолутно клучно САД енергично да реагираат“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.

Во Кувајт и во Бахреин активирани сирените за воздушни напади. Од иранското МНР велат дека САД го прекршиле меморандумот, потпишан изминатиот месец и предупредија дека ќе преземат решителни мерки. Најновите случувања ги доведуваат во прашање преговорите за постигнување конечен договор меѓу САД и Иран.

„Министерството за надворешни работи на Исламската Република Иран предупредува на последиците од прекршувањето на своите обврски од страна на Соединетите Американски Држави и наведува дека ќе преземе какви било мерки што ги смета за неопходни за да ги заштити своите национални интереси и безбедност“, стои во соопштението на МНР на Иран.

Дебатата меѓу Вашингтон и Техеран треба да продолжи по погребот на ајатолахот Али Хамнеи, со фокус на целосно отворање на Ормускиот теснец и укинување на спорната нуклеарна програма. Ковчегот со посмртните останки на убиениот врховен лидер, пристигнаа во шиитскиот град Наџаф во Ирак, како дел од повеќедневната меѓународна погребна церемонија. Хамнеи утре ќе биде погребан во неговиот роден град Машхад.

„Дојдовме да изразиме сочувство за исламската нација, за маченичката смрт на овој исламски херој, кој се бореше против неверниците, кој се бореше против Америка и Израел и ги понижи.“

Врховниот лидер загина на 28 февруари, за време на првиот ден од масовните американско-израелски воздушни напади насочени директно кон неговата официјална резиденција во Техеран.

Маријана Димовска