Економија

Македонската берза почнува проект за подготовка на компании за финансирање преку пазарот на капитал

08.07.2026 11:37

Со поддршка на ЕБРД, Македонската берза денеска официјално го почнува проектот за подготовка на домашните компании за прибирање капитал преку издавање акции и обврзници. Во програмата ќе бидат вклучени до десет компании.

Македонската берза денеска официјално го почнува проектот за поттикнување и подготовка на македонските компании за пазарно финансирање. Проектот се реализира со поддршка на ЕБРД, врз основа на потпишаниот Меморандум за соработка, а ќе го спроведуваат PWC Северна Македонија и PWC Хрватска.

Во рамки на проектот, до десет компании ќе добијат професионална и независна проценка на нивната подготвеност за пристап до пазарот на капитал преку издавање акции или обврзници. Тие ќе учествуваат и на специјална лидерска академија, како и ќе добијат конкретни препораки за понатамошна подготовка за обезбедување финансиски средства преку пазарот на капитал.

Од Македонската берза очекуваат проектот да придонесе за создавање нови финансиски инструменти и нови издавачи на македонскиот пазар на капитал, со што ќе се поттикне неговиот понатамошен развој.