Завршена реконструкцијата на железничката обиколница околу Скопје
Заврши реконструкцијата на железничката делница Драчево – Илинден, со што товарните возови ќе сообраќаат надвор од Скопје. Од Министерството за транспорт очекуваат пругата да биде пуштена во употреба за карго-сообраќај за околу 20 дена, а најдоцна до 1 септември да стартува и првата линија на градскиот воз.

Завршена е реконструкцијата на железничката обиколница околу Скопје, односно пругата Драчево – Илинден, со што ќе се овозможи товарните возови да се пренасочат надвор од градот. Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, заедно со директорот на ЈП Железници Инфраструктура, Синиша Ивановски, извршија увид на реконструираната делница, каде беше реализирано и тест-возење.
Според Николоски, по завршувањето на тест-периодот и техничкиот прием, што се очекува за околу 20 дена, товарните возови ќе почнат да ја користат обновената траса. Тој истакна дека проектот ќе придонесе за намалување на загадувањето во Скопје, побрз карго-сообраќај на Коридорот 10 и поголема ефикасност на железничкиот транспорт.
Министерот најави дека најдоцна до 1 септември треба да биде пуштена во употреба и првата линија на градскиот воз, која ќе сообраќа од Зелениково, преку Драчево, до центарот на Скопје.
