Google Street View повторно ќе ја снима Македонија, ќе се обноват 13.000 километри панорамски снимки
Google започнува ново, обемно ажурирање на Street View во Македонија. Во наредниот период ќе бидат снимени околу 13.000 километри патишта и улици низ целата земја, со што Google Maps ќе добие поактуелни и подетални панорамски прикази.

Google Street View повторно се враќа во Македонија со обемно обновување на панорамските снимки низ целата земја. Во рамки на новото ажурирање ќе бидат опфатени околу 13.000 километри патишта и улици, вклучувајќи ги Скопје, Охрид, Битола, Куманово, Прилеп, Тетово, Штип, Велес, Струга, Струмица и други градови.
Од компанијата информираат дека новите снимки ќе овозможат Google Maps попрецизно да ги прикажува промените во урбаната средина, патната инфраструктура и природните и културните знаменитости. Освен градските улици, ќе бидат опфатени и познати локации како Скопската тврдина, Камениот мост, Аквадуктот, Мостот на уметноста и Охридското Езеро.
Ажурираните панорамски прикази треба да ја олеснат навигацијата, планирањето патувања и пронаоѓањето локации за граѓаните, туристите и бизнисите.
Од Google посочуваат дека и при ова снимање ќе се применуваат мерки за заштита на приватноста, со автоматско замаглување на лицата и регистарските таблички на возилата пред објавувањето на снимките на Google Maps.
