Македонскиот филм во фокусот на „Скопско лето“
Во рамки на фестивалот „Скопско лето“, од 9 до 17 јули во Кинотеката на Македонија ќе се одржи програмата „Кинотека на Скопско лето“, која на публиката ќе ѝ понуди проекции на седум значајни македонски филмови од истакнати домашни автори.

Фестивалот „Скопско лето“, во соработка со Кинотеката на Македонија, од 9 до 17 јули ќе ја реализира програмата „Кинотека на Скопско лето“, посветена на македонската кинематографија.
Во текот на седум филмски вечери, љубителите на филмот ќе имаат можност да проследат проекции на остварувања од домашни режисери, меѓу кои се филмови на Стефан Сидовски – Сидо, „Најдолгиот пат“ на Бранко Гапо, „Хај Гај“ на Владимир Блажевски, „Бикини Мун“ и „Кајмак“ на Милчо Манчевски, „Ова не е американски филм“ на Сашо Павловски и „Барајќи ја среќата“ на Марија Џиџева.
Сите проекции ќе се одржуваат во Кинотеката на Македонија со почеток во 20:15 часот. Билетите се достапни преку платформата karti.com.mk, како и на билетарницата на Кинотеката пред почетокот на проекциите.
