Триото „Нова“ ја воодушеви публиката во Нови Сад
Новоформираното трио „Нова“ со два успешни концерта во Белград и Нови Сад ја претстави македонската музичка култура пред српската публика. Настапите беа проследени со преполни сали, долги аплаузи и повеќекратни враќања на бис.

Новоформираното трио „Нова“, во состав Иван Наумовски, Јордан Петрушевски и Ѓорѓи Петрушевски, успешно се претстави пред публиката во Србија, настапувајќи на втората „Медитеранска ноќ“ во Културниот центар во Нови Сад.
Концертот беше проследен со преполна сала, долги овации и повеќекратни враќања на бис. Со внимателно избрана програма од дела на италијански, француски, шпански и австриски композитори, како и со обработки на најпознатите македонски народни песни, триото ја претстави македонската музичка култура пред српската публика.
Гостувањето на триото „Нова“ во Србија е реализирано со поддршка на Министерството за култура и туризам, преку Културно-информативниот центар на Македонија во Белград.
Од КИЦ Белград оценуваат дека концертите во Белград и Нови Сад покажале дека со внимателно избрани партнери и програма може да се привлече нова публика и успешно да се промовира македонската култура во странство. Притоа, изразија благодарност до публиката, институциите домаќини и претставниците на музичката јавност во Србија за поддршката и интересот за концертите.
