Политика

Пропаднаа преговорите за измени на Изборниот законик, партиите со меѓусебни обвинувања

08.07.2026 13:35

Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека СДСМ и Левица се координирани во настапите на штета на дијаспората, за да спречат проширување на уставно загарантираното право на глас и олеснување на процесот на гласање за нашите иселеници.

Преговорите за измените на Изборниот законик пропаднаа, партиите продолжија со меѓусебните обвинувања. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека СДСМ и Левица се координирани во настапите на штета на дијаспората, за да спречат проширување на уставно загарантираното право на глас и олеснување на процесот на гласање за нашите иселеници.

„ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да се залага, Изборниот законик да се донесе со широк политички консензус, и за обезбедување можност, македонската дијаспора да го оствари своето право на глас на поедноставен можен начин“, велат од партијата.

Според СДСМ, пак, целта на власта не се ниту реформите, ниту Изборниот законик, туку изборен грабеж и манипулација со 200 илјади гласови од дијаспората.

„Откако не пројде моделот за електронско гласање на дијаспората, се обидоа да протнат гласање по пошта – и повторно без никаква контрола и без да се гарантира волјата на граѓаните“, велат од СДСМ.

„СДСМ има принципиелен став, ќе го заштитиме гласот на секој граѓанин од злоупотреби и манипулации“, велат опозиционерите.